Три децении од смртта на Живко Чинго

Книжевниот свет се потсети на големите дела на Живко Чинго. И 30 години по смртта, неговиот пишан збор сѐ уште еден од најбараните.

Преку расказ од неговата замислената земја „Пасквелија“, вљубените во пишаниот збор се потсетија на големите дела на Живко Чинго. Моќните приказни и атмосферата што великанот ја градеше низ своите дела, и по три децении се барани меѓу читателите.

Книжевниот свет на Живко Чинго е богат, сите толкувања на неговата проза остануваат отворени.

„Мораме да кажеме дека еден од тие репери што всушност е писателкото постоење е долгиот живот на книгата. Сите книги на Живко Чинго особено антологиските „Пасквелија“, „Нова Пасквелија“, „Големата Вода“ се влезени во нашата колективна меморија кои што живеат и ќе живеат“, вели Братислав Ташковски, градска библиотека „Браќа Миладиновци“.

Чинго со своите раскази докажал дека е автор кој загрижено го набљудувал животот и успеал да го оддржи- вели професорката Чепишевска.

„Хуморот на Чинго одржува константна ведрина на зборот суштината на тој хумор се гледа во бизарното мешање на елементите на стварноста, во рушењето на обичниот поредок во фантастиката на сликата и во сменувањето на ентузијамот и иронијата. Но тој хумор не е усмерен само на парцијални појави и на стварноста туку усмерен на целата стварност“, изјави Весна Мојсова- Чепишевска, професор на Филолошкиот факултет.

Живко Чинго е еден од најпознатите раскажувачи, романсиери и драмски автори во македонската книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици, добитник е на голем број книжевни награди.

 

Андријана Атанасовска