Најголемиот грев на нашето време е – губењето чувство за гревот.
Ова е најголемата опасност на времето во кое што живееме. Не е грев она што најмногу вознемирува. Грев е нешто што се вселило во човечката природа, иако е неприродно и против природно, тоа станало како некаква втора природа во човекот. Она што ужасува е токму губењето чувство за него, бестрамното правење гревови, па и неговото наметнување и озаконување заради претварање во навика и често повторување.
Секако, да се прави грев веќе не е мало зло, но да се греши и да се нема чуство за грев и страм, тоа е она што е морничаво и опасно, што посведочува и станува знак на морално опаѓање и пропаст.
Ако човек греши и ја чувствува својата слабост, го признава своето паѓање, тоа е знак дека сè уште постои надеж за покајание, поправка и подигнување. Ако, пак, греши сметајќи го тоа за нешто природно, законско, дури зошто и да не за подвиг, снаодливост и способност, тоа е она што е полошо од секое зло и бестрамност, најниско паѓање до кое може да стигне човекот како разумно суштество и опшеството како заедница на луѓе. „Зло е да се греши“, вели свети Јован Златоуст, „но уште поголемо зло е да се гордее со своите гревови“.
На едно друго место овој голем познавач на човечката душа и анатомот на човековото опшество го додава и ова: „Зло е да се прават гадотии, но ако постои страм кај оној, кој ги прави, злото е премногу помало. А некој кога со тоа се гордее – тоа преставува врв на бестрамност. Овој првиот, станувајќи свесен за гревот после паѓањето, со време може да се подигне, а додека, пак, оној, кој се фали со гревот, себе си се лишува од исцелението, кое го дава покајанието“ .
Опасноста, која настанува од таквиот однос кон злото е очигледна. Се наоѓаме пред унакажување на моралното сетило, пред триумфот на духовната скаменетост. Оваа вистина сосема јасно ја подвлекува и големиот француски поет Павле Клодел : „Поинаква ни е духовната состојба кога грешиме и се жалостиме, кога знаеме дека правиме зло, а копнееме за доброто. Како што е поинаква духовната реакција кога веруваме дека правиме добро, а впрочем правиме зло, а уште повеќе кога тоа го проповедаме и се галиме со него“ .
Слично вели и Андре Мороа: „Опасноста на нашето време не е во тоа што постојат неморални луѓе. Калта на таквиот вид постоела на маргините на сите опшества. Опасноста се состои во тоа што постојат луѓе, кои сметаат дека е храброст да се оправдува неморалот и законот на џунглата“ .
Таа и таква духовна клима и став во нашево време зема вознемирувачки размери. Таа подмолно и безобзирно ги подрива темелите на заедничкиот и општествениот живот. Не се во прашање само јавните скандали на поединци и растурањето на општествените пори, нечуствителноста за моралните начела и јавната бестрамност, туку всушност се работи за обликување на „нов морал“ и вид на „нов човек“, за кого е сеедно доброто и злото, добродетелта и гревот, за кого бестрамноста е поголема „добродетел“ од страмот, а самољубието и саможивоста – единствен бог и господ .
Неразликувањето на доброто и злото раѓа духовна затапеност и скаменетост, раслабеност на силата, на отпорот во човека, кој престанува да биде имун на злото и неговите сили, на гревот и болеста. Гнилеж и распаѓање влегува во човековите коски, та човекот станува роб на болна пасивност и незаентересираност. Таквата состојба е наркоза, која неминовно води во смрт на душата и во распаѓање на телото, односно на сите витални внатрешни сили и духовни импулси.
Тој отров на духовна нечуствителност на гревот и злото се шири повеќе од секоја болест и ги труе дробовите на „модерниот“ свет. Што е пострашно и од најстрашното ? – Кога и христијаните заболуваат од таа болест на смртта, христијаните на кои им е покажан патот! Патот на животот и патот на смртта, кои стекнале дар на разликување на светлината од темнината, на доброто од злото, на Бога од ѓаволот. Христијанинот, кој ќе го изгуби чуството за грев, престанува да биде христијанин. А со тоа духовно мртвило престанува да биде човек. Од тоа духовно мртвило до нечовечноста е само еден чекор .
преземено од
https://blogoslovmk.wordpress.com